LIMSwiki
Содржина
Вкупен број | |||||||||||||||||||||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
270 милиони | |||||||||||||||||||||||||||||||
Подрачја со значајно население | |||||||||||||||||||||||||||||||
Белоруси | 10 милиони[1] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Руси | 135 милиони[2] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Русини | 576 илјади[3] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Украинци | 38 милиони[4] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Кашуби | 100 илјади[5] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Лужички Срби | 30 илјади[6][7] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Полјаци | 42 милиони[8] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Словаци | 5 милиони[9] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Чеси | 10,5 милиони[10] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Шлези | 800 илјади[11] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Бошњаци | 2,8 милиони[12] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Бугари | 7 милиони[13] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Македонци | 2 милиони[14] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Словенци | 2 милиони[15] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Хрвати | 5,2 милиони[16] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Срби | 7,5 милиони[17] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Црногорци | 350 илјади[18] | ||||||||||||||||||||||||||||||
Јазици | |||||||||||||||||||||||||||||||
белоруски, босански, бугарски, кашупски, лужичкосрпски, македонски, полски, руски, русински, словачки, словенечки, српски, украински, хрватски, црногорски, чешки, шлески. | |||||||||||||||||||||||||||||||
Вероисповед | |||||||||||||||||||||||||||||||
атеизам, ислам, христијанство | |||||||||||||||||||||||||||||||
Сродни народи | |||||||||||||||||||||||||||||||
Балтички народи |
Словени (стсл. , (Slověne), рус., бел. - Славяне, укр. - Слов'яни, пол. - Słowianie, чеш. - Slované, свк - Slovania. буг. - Славяни, срп., црн. - Словени (Sloveni), хрв. - Славени, бос. - Slaveni (Славени), мкд. - Словени, свн. - Slovani) — индоевропска група на народи обединети преку заедничкото потекло, сличноста на јазиците и културното наследство.
За заеднички предок на сите словенски народи се сметаат Прасловените кои живееле во областа северно од Карпатите во Источна Европа (денешна северна Украина, јужна Белорусија и југозападна Русија).
Словенските народи кои во мнозинство имаат православна христијанска вероисповед се користат со кирилично писмо, а додека словенските народи кои во мнозинство се католици или муслимани се користат со латинично писмо.
Словенските народи се населени во централна, источна и југоисточна Европа, како и во Азија. Бројноста на словенските народи денес во светот е околу 270 милиони луѓе, претежно населени во Европа. Воедно словенските народи се и најбројни во Европа.
Потеклo
Словените припаѓаат на индоевропската група на народи, а како посебна етничка заедница почнале да се појавуваат пред околу 2000 години. Словените се појавуваат релативно доцна на историската сцена во споредба со Грците и Римјаните, но пак се јавуваа доста пред појавата на Германите и Англите. До 2000 година п.н.е. Словените, Балтите и Германите претставувале една етнографска маса, но набргу почнал процесот на разделување на три племенски групи.
За прататковина на Словените е прифатена Закарпатска област – од источните падини на Карпатите до реките Висла и Днепар. Најрани соседи на Словените се Скитите и Сарматите на југоисток, Фините на исток и север, Балтите на северозапад, и Германите на запад. На југ пак, од другата страна на Карпатите биле населени Даките.
Прв за Словените пишува римскиот хроничар Такит. Според него (а и според огромниот број слависти), Словените се делеле на три племенски групи: Венети, населени на западниот дел од нивната татковина, Антите, населени на источниот, и Склавините населени на јужниот дел. Тој исто така ја одредува татковината на Словените: Северното Прикарпатие – реките Днестар и Днепар.
Антрополошки одлики
Византиските хроничари ги опишуваат Словените како светлокожи, жилави и издржливи. Ја признаваат нивната храброст, слободољубие, чесност, демократски инстинкт и гостоприемство. Во мир тие биле срдечни и пријателски расположени кон сите туѓинци и странци, но во војна биле жестоки и лукави.
Имено комбинација од храброст, издржливост и суровост им овозможила на Словените да ги покорат европските територии на Византија и да продрат дури до најјужните нејзини делови, како и да го населат скоро целиот регион Македонија.
Како и сите варварски народи, и Словените имале свои недостатоци. Како најголем недостаток се наведува фактот што Словените немале развиено писменост.
Историчарот Прокоп Кесариски дава детален опис на физичкиот тип на Словените. Тој вели дека биле повисоки од Грците, посветли и необично силни. Немале развиена коњаница и во сите битки оделе пеш, држејќи во рацете штитови и копја. Биле простосрдечни и неверојатно гостопримливи. Се хранеле со земјоделски производи и месо од домашни животни и риба. Омилен пијалак им била медовина, како и пиво од јачмен. Биле музикални, а омилен инструмент им била гуслата. Нивните племиња живееле во неслога, дури и во омраза. Но, кога војувале настапувале во племенски сојузи, кои значеле само привремено здружување заради одбрана или напад, а не некакви постојани формации.
Димитрија Солунски сведочи дека Словените вешто го користеле копјето, мечот и штитот, а оклопи скоро и не користеле. Против посилните непријатели се служеле со лукавство. На рамни и голи места не влегувале во борба, а при одбрана правеле дрвени бедеми во кружна форма. Биле особено вешти во преминување на реките.
Нивната секојдневна облека претставувала бела платнена едноделна кошула со црвени украсни елементи околу вратот и ракавите – овие црти се присутни во сите народни носии на словенските народи (особено во македонската народна носија).
Општествена структура
Словените биле организирани во родовски заедници кај кои сите членови биле крвно поврзани и биле рамноправни меѓу себе. Со родот управувал старешина. Сите членови во родот подеднакво располагале со земјата, стадата, орудјата и заеднички ги делеле производите. Родовите се обединувале во поголеми крвни заедници - племиња, на чие чело стоел кнез кој бил избран од сите военоспособни мажи. Честопати имало и спојување на повеќе племиња со што се формирале склавинии. Најчесто имале тенденција да се населуваат покрај езера, мочуришта и реки. Словените живееле во колиби, оддалечени една од друга. Целото семејство (родителите со сите синови, и нивните сопруги заедно со децата) било обединето со заедничко стопанство и работа. Неколку вакви семејства заземајќи определена територија образувале општина. Неколку семејни општини пак, го сочинувале племето. Секое племе заземало одредена територија која се нарекувала жупа. Словените не биле управувани од апсолутисти, туку спорови и решенија биле донесувани од совети на старешините, а биле препуштани и на народните собранија – т.е. варварска демократија. За тоа летописецот Цесарион пишува: “Словените не се управувани од еден човек, туку живеат во демократија“.
Стопанство
Основната стопанска гранка кај Словените во прататковината и уште долго подоцна во новите територии било земјоделството. Но во зависност од природните услови во новите средини, тие започнале да се занимаваат и со други стопански дејности. На пример територијата што ја зазеле Западните Словени се состоела исклучиво од шуми, и спрема тоа се развило земјоделството поврзано со сечење на шумите и ловот на дивеч. Во речните и езерските места значајно место зазема риболовот, а во шумите ловот. Во териториите заземени од Јужните Словени, освен земјоделството, заради плодноста на земјата, доста било развиено и сточарството.
Кон крајот на VI век кај Словените земјоделството постигнало големи успеси. Хроничарот Прокоп Кесаријски во својата книга Стратегикон забележува кај Словените изобилие на стока и “производи од земјата, особено пченица и просо“.
Археолошките откритија говорат дека земјата била обработувана со бикови впрегнати со железни плугови. Широко се користело и ралото. Се жнеело со српови и родот бил складиран во специјални јами. Пронајдени се и рачни мелници со кои го мелеле житото.
Било развиено и занаетчиството - особено грнчарството (глинени предмети направени од Словените се пронајдени на многу места во Македонија). Изработувале и предмети од дрво, коски и рогови. Висок степен на развој имале и кај обработката на метали, од кои произведувале орудија за работа како и оружја. Племињата населени крај мориња и големи реки знаеле да градат чунови изработени од едноделно дрво. Како платежно средство била користена стоката, а во некои случаи употребувале и пари од странско потекло.
Митологија
Првите податоци за религијата на Старите Словени ги дава византискиот историчар Прокопиј Цесарски во VI век, кој објаснува дека словенските племиња Анти и Склавини верувале во еден врховен бог – богот на молњите. За религијата на Словените освен Прокопиј, најмногу податоци дава Нестровата Хроника напишана во првата половина на XII век, и се смета за најстар пишан извор за нивната религија. Во неа се опишани божествата почитувани и обожувани во Киев и околината. Податоци за религијата на Словените дава и Словото за Игоровиот полк (Слово о полку Игорову) напишано во крајот на XII век, потоа записите на арапските патописци, полските историчари од XVI век и др.
Во антиката и Словените, како и многу други народи го почитувале Сонцето како божество кое го створило светот и со својата топлина го овозможува животот. Нашите предци ова божество на сонцето го нарекувале Сварог.
Подоцна, навлегувајќи во понапредните фази на варварството, кај Старите Словени се појавува култ кон различни божества, сите поврзани со појави од природата. Словените верувале во натприродноста на природните сили и појави, и врз основа на нив создаваат цела митологија поврзана со богови и божествени ликови поделени на добри и зли. Врховен бог на словенскиот пантеон е богот Перун – громовник, владетел на небото и создавач на вселената, кој го пуштал дождот за да ја оплоди земјата.
Освен врховниот бог Перун, Словените верувале и во богот Праве, кој бил бог на правдата и на судот. Според нив тој живеел во длабочините на шумата.
Несреќите, болестите и другите проблеми Словените му ги препишувале на злобното божество Чернобог (црниот бог). Обидувајќи се да го омилостат тие му принесувале жртви. Тој е аналогичен на христијанскиот ѓавол.
Меѓу добрите богови Словените многу го славеле и богот Световид, кого го сметале за заштитник на обичните луѓе, и помагач во војните.
Врховна владетелка со успехот и среќата на луѓето била божицата Среча. Од нејзиното име и доаѓа македонскиот збор “среќа“.
Почитуван е и богот Радегаст или Радегост кој бил сметан за бог на гостољубивоста и гостопримството, затоа што се смета дека Словените многу се радувале на гостите.
Сива или Жива била божицата на животот и советодател. Претставена е како жена која што носи на грб мало момченце, а во рацете гроздови.
Дел од Антите (најисточните Анти) како врховен бог понекогаш го сметале и Белбог – спротивност на Чернобог, а дел од Венетите за врховен го сметале богот Триглав, но сепак огромното мнозинство од Словените верувале исклучиво во Перун.
Весна била божицата на пролетта, која носи убаво време и добрини. Затоа во почетокот на месец март Словените на дрвата обесувале мали црвено-бели куклички во нејзина чест (обичајот мартеница или мартенка).
Подага била божица на ловот, неа особено ја почитувале Словените кои живееле до шумите полни со дивеч.
Богот на богатството и заштитник на домашните животни бил богот Велес. Него го обожувале Словените кои го имале сточарството како осовна стопанска дејност. Во Македонија по името на овој бог е крстен градот Велес, кое е индикатор за словенската култура на современите Македонци.
Словените Го почитувале и богот на плодородноста Дајбог или Дажбог.
Една од пообожаваните била божицата Лада, која била божица на љубовта.
Најлошата божица била Морана, која била божица на смртта.
Голем дел од верувањата и обичаите на Старите Словени и до ден денес останале во фолклорот на сите словенски народи. Како примеер за тоа се – Баба Рога (Баба Јага), самовилите, вампирите, врколаците, русалките, верувањето во моќта на огнот и др.
Директно потекло од словенската митологија води и празникот Коледе, кој христијанството го задржало од тактички причини. Зборот Коледе се употребува и денес кај дел од Јужните и Источните Словени. Такви се и обичаите сврзани со палење на оган за Прочка, Василица и други празници.
Дел од населените места во Македонија ги добиваат своите имиња како директен одраз на словенските верувања, или пак подоцна се трансформираат задржувајќи ја само основата. Најтипичен пример за ова е името на градот Велес, кој е именуван по словенскиот бог Велес кој бил бог на стадата и пасиштата.
Со преселбата што се случила во VI век Словените почнале да го примаат христијанството, но трагите од нивните стари верувања останале и до денес.
Словенски племиња
Во периодот на доцната антика и раниот среден век во византиските пишани извори се забележни повеќе племиња кои се определени како словенски.
Раселување на Словените
Во првите столетија од новата ера кај Старите Словени почнуваат да се формираат три етнографски групи – тие населени на западната област од словенската прататковина се нарекуваат Венеди, оние на источната – Анти, а оние што ја населувале јужната област се нарекуваат Склавини. Овие имиња биле само регионални, тие пак го користеле своето заедничко име Словени, и говореле ист јазик и имале исто обичаи.
Во втората половина на II век Словените подпаѓаат под властта на Готите, и остануваат управувани од нив до 375 година, кога Хуните ја уништуваат државата на источните Готи. Притисокот од страна на Хуните и нивните постојани напади се наведува како една од најважните причини за преселбата на Словените.
Првите раселувања започнуваат во IV век во правец исток, запад и југ. Причина е и големиот прираст на населението и потребата од плодна земја, но сепак за главна причина се смета Големата преселба на народите која ја изменува политичката карта на Евроазија и Африка и многу ја ослабнува Римското Царство.
Западните Словени (Венети) пред крајот на VI век веќе ги запоседнуваат западните од нив територии. Тие ги заземаат териториите околу реките Одра, Висла и Елба. Чешко-моравските племиња се населуваат околу базенот на Горба Елба, В’лтава и Морава. Пољаците го запоседнуваат базенот на Висла, Одер и Ниса, а полатските племиња биле по течението на долна и средна Елба до Балтичко Море. Поради тоа и се споменуваат како Балтички Словени.
Источните Словени (Анти) или се придвижиле кон исток, или останале на своите територии без поголеми промени. Поголем центар бил формиран во реонот на град Киев на реката Днепар. Тие населиле огромен простор на југ до Црно Море, на запад до река Висла и на север до Северна Двина. На оваа територија подоцна ќе биде формирана Киевска Русија.
Јужните Словени (Склавини) и дел од Антите ги минуваат Карпатите и реката Дунав и се населуваат скоро на целата територија на Балканскиот Полуостров, достигнувајќи до Јадранското Море на запад, до Егејското Море на југ и до Црното Море на исток. Словените пенетрирале сè до Пелопонез, но не успеале да ги додржат најјужните територии и не се населиле таму. Најјужните словенски населби биле формирани северно од утврдениот град Солун. Треба да се спомене дека српските и хрватските Словени, за разлика од Склавините и Антите кои поминале преку Карпатите и се населиле на денешна Македонија, Бугарија, северна Грција - дошле малку подоцна на денешните територии не преку Карпатите туку од територијата на денешна Галиција на повик на царот Ираклиј во почетокот на VII век. Јужните Словени имаат приоритетна улога во создавањето и развојот на словенската писменост.
На овој начин, од VI век, по завршените преселби, трите словенски групи тргнале по свој сопствен пат кон историскиот развој. Западните Словени оствориле контакт со германските племиња и дошле во судир со Франкската држава, а подоцна и со германската империја. Јужните Словени дошле во допир со Византија.
Подоцна, во Втората светска војна, Адолф Хитлер наредува покрај Еверјското население да се отстрани и словенското население од Светот, затоа што сметал дека тие имаат се, најмногу природни ресурси, најбројно население во Европа и најголема територија распространета на два континенти Европа и Азија и во Втората светска војна се убива 30 милиони Словени.
Словенските народи денес
Во новите територии, Старите Словени почнале да попримаат дел од културата на своите нови соседи, а исто така успеале да асимилираат голем дел од месното население кое живеело на тие територии пред словенската преселба. Заради овие причини, кај трите Совенски групи се појавиле различни промени во физиолошки, лингвистички и културен план.
Така на пример, Западните Словени, се населиле на територија претходно населена со Келти, и затоа денес огромен број од нив имаат црвеникава или рижава коса. Јужните Словени пак асимилирале византиски балканско население (кое било од средоземен тип), и затоа денешните јужнословенско народи имаат претежно бела кожа но темна коса. Источните словени пак, или остаснале во прататковината, или се придвижиле на исток каде асимилирале Фински и Монголски племиња.
Но и покрај физиолошките промени, и некои културни различија кои се појавуваат заради фактот што различни словенски племиња биле под власт или под влијание на различни култури (Византија, Скандинавија, Германија, Отоманско Царство), Основата на јазикот на сите словенски држави останува иста. Сите словенски народи во својата колективна меморија и во фолклорот носат обележја карактерни за нивното словенско потекло - како белата носија со црвени елементи, како празникот Коледе, Мартенката, митот за баба Рога (баба јага), самовили, имиња на топоними кои се повтоуваат во различни држави и многу други примери.
Словенски народи и држави
По населувањето во новите територии, различните словенски племиња тргнале по различен свој пат на историската судбина. Преку создавање на племенски сојузи, започнало сливање на различните племиња во потесни образувања. По првите векови по преселбата, Словените говореле ист јазик - и етнографското обособување на различните словенски народи се случивал по име на историска област, по име на племе, или заради природните граници на некоја географска област.
Заради зазличните историски детерминизми, некои порано некои подоцна, со текот на времето се формираат следните словенски народи:
Скоро сите словенски народи успеваат да создадат своја држава. Тоа не успева кај Лужичките Срби, кои се носители на една од првите словенски култури, и кои до ден денес постојат и го негуваат својот јазик кои живеат во денешна источна Германија. Има и словенски народ кој е во фаза на изградба т.е. денес ја преживеува својата национална преродба - Русинскиот народ.
Словените како тема во уметноста и во популарната култура
Словените се јавуваат како тема во бројни дела од уметноста и популарната култура, како:
- „Словените под Парнас“ (Sloveni pod Parnasom) - песна на српскиот поет Миодраг Павловиќ.[19]
- „Епитаф на словенскиот прапоет“ (Epitaf slovenskom prapesniku) - песна на српскиот поет Миодраг Павловиќ.[20]
- „Славјани“ - песна на македонската рок-група Мизар од 1988 година.[21]
Наводи
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/11065
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/14598
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/14601
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/15696
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/12559/PL
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/15000/GM
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/15001
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/14431
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/14962
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/11458
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/19679/PL
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/10953
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/10998
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/13186
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/14964
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/11437
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/14864
- ↑ https://joshuaproject.net/people_groups/13798
- ↑ Miodrag Pavlović, Izabrane pesme. Beograd: Rad, 1979, стр. 57.
- ↑ Miodrag Pavlović, Izabrane pesme. Beograd: Rad, 1979, стр. 58-59.
- ↑ Мизар, Lithium records, CD 014, 2003.
Поврзано
Користена литература
- "Документи за борбата на македонскиот народ за независност, Том I". - Универзитетска Библиотека “Св. Кирил и Методиј“
- "Славјанството". - Д-р М. Манев
- "Древнейшие судьбы русского племени". - А. Шахматов
- "Македонските Словени од VI до IX век". - Д-р О. Иваноски
|