Infrastructure tools to support an effective radiation oncology learning health system
Содржина
Ал Пачино | |
---|---|
Роден(а) | Алфредо Џејмс Пачино |
Занимање | Глумец, режисер, сценартист, продуцент |
Активен | 1968–денес |
Алфредо Џејмс "Ал" Пачино (роден 25 април 1940) е американски филмски и сценски глумец и режисер. Најдобро е познат по улогите на Мајкл Корлеоне во трилогијата „Кум“, Тони Монтана во „Лице со лузна“, Френк Серпико во „Серпико“, Френк Слејд во „Мирисот на жената“, Винцент Хана во „Жештина“, и Рој Кон во „Ангели во Америка“. Тој доби Оскар за најдобар глумец во 1992 година за неговата улога во „Мирисот на Жена“ по добивање на претходни седум номинации.
Ран живот и образование
Пачино е роден во Источен Харлем, Менхетен како син на Роуз (моминско презиме Џерарди) и Салваторе Алфред Пачино, двајцата Италијански Американци. Тие се разведоа кога Ал имал две години.[1][2] После тоа мајка му се сели во Јужен Бронкс за да живее со нејзините родители, Кејт и Џејмс Џерарди,кои потекнувале од Корлеоне, Сицилија.[3] Татко му се преселил во Ковина, Калифорнија каде работел како осигурително лице и сопственик на ресторан кој се затворил во 1992 година. Пачино го посетувал училиштето официјално именувано како Средно Училиште на Репродуктивна Уметност, Њујоршки оддел на Средното училиште за музика и уметност „Фиорело Х. Ла Гуардија“, кое било посетувано од Роберт Де Ниро-неговиот колега од Кум II. Пачино ги паѓал скоро сите предмети, освен Англиски и го напуштил училиштето кога имал 17 години. Мајка му не се согласувала со неговата одлука; се скарале и тој го напуштил домот. Работел во цела низа слабо платени работи, вклучувајќи курир, вратар и поштенски службеник, со цел да ги финансира глумечките студии.[4]
Глумел во подрумски претстави во театарското подземје на Њујорк, и потоа се приклучува во студиото Херберт Бергоф (ХБ студио), каде го запознава професорот по глума, Чарли Лаутон, кој ќе стане негов ментор и најдобар пријател. Во овој период, тој често бил невработен и бездомник, и понекогаш морал да спие на улица, во театрите или кај некој пријател.[5] Во 1962, починала неговата мајка на 42 годишна возраст. Следната година, неговиот дедо, Џејмс Џерарди, еден од највлијателните луѓе во неговиот живот, исто така починал.[4]
Кариера
1960-ти
Во 1966, после многу пропаднати обиди, отишол на аудиција во Глумецското Студио и бил прифатен. Учел под легендариот глумечки тренер, Ли Странсберг (кој во 1974 глумел заедно со Пачино во Кум 2).Подоцна за Странсберг и ефектот на Студиото врз неговата кариера ќе каже:
Глумецското студио значеше толку многу за мене. На Ли Странсберг не му е дадена заслугата што ја заслужува... Заедно со Чарли, на некој начин ме лансираше. Навистина. Тоа беше пресвртна точка во мојот живот. Директно е одговорна да се откажам од сите тие работи и да се посветам на глумецството.
Во едно друго интервју, тој додаде „Беше возбудливо да се работи за него (Ли Странсберг) затоа што тој беше толку интересен кога зборуваше за сцена или за некои други луѓе. Секој би сакал да го слушне, затоа што зборуваше за работи, што ги немав слушнато порано... Имаше толку големо разбирање... Толку многу ги сакаше глумците.“
Од 2009 Пачино е ко-претседател, заедно со Елен Бирстин и Харви Кајтел, на Глумецското студио.
Пачино сфати дека ужива во глумата и дека има дарба за тоа. Но сепак, му создаде финансиски потешкотии до крајот на декадата.
Во 1968, Пачино настапуваше во претставата на Израел Хоровиц, „Индијанецот го сака Бронкс“, играјќи го Марф, незрел уличар. Претставата ја доживеала премиерата на 17 јануари 1968, и се прикажувала вкупно 177 пати. Играла заедно со уште една претстава од Хоровиц, „Се вика Шеќерната Слива“, со Клејбур во главната улога. Пачино доби Оби Награда за најдобар глумец за неговата улога, заедно со Џон Казале кој доби награда за Најдобра споредна улога и Хоровиц за Најдобра нова драма. Мартин Брегман ја гледал претставата и се понудил да биде менаџер на Пачино, партнерство кое ќе трае и во следните години.Пачино и оваа продукција на „Индијанецот го сака Бронкс“ патуваше во Италија за настап на еден тамошен фестивал. Тоа беше првото патување на Ал во Италија; тој подоцна ќе се присети дека настапот пред италијанска публика „бил неверојатно искуство.“
Пачино и Клејбур ќе играат и во „Смртоносниот круг на насилството“, епизода од серијата „N.Y.P.D“ на телевизијата „ABC“ со премиера на 12 ноември 1968. Клејбур во тоа време ќе настапува и во сапуницата „Потрага за утре“, во улогата на Грејс Болтон.
На 25 февруари 1969, Пачино ја има својата премиера на Бродвеј, во претставата „Дали тигарот носи ланче?“ на Дон Петерсен во театарот Беласко. Прикажувањето заврши по 39 претстави на 29 март 1969, но поради одличните критики за Пачино, тој ја доби наградата Тони за врвно достигнување во театарот, на 20 април 1969.
Истата година го има своето деби на големото платно, појавувајќи се на кратко во „Јас, Натали“ независен филм на Пети Дук, од јули 1969. Во 1970 Пачино потпиша со агенцијата за таленти, ЦМА.
1970-ти
Филмот од 1971 госина, „Паника во паркот на иглите“, во кој Пачино глуми зависник од хероин, му го привлекол вниманието на Френсис Форд Копола, кој го ангажирал за улогата на Мајкл Корлеоне во филмот од 1972, „Кум“. Иако неколку други врвни глумци, меѓу кои и Роберт Редфорд, Ворен Бити и во тоа време не толку познатиот Роберт Де Ниро, исто така, ја сакале улогата на Мајкл Корлеоне, Копола сепак се определил за анонимецот Ал Пачино, на општо изненадување на главните луѓе во студиото. Глумата на Пачино му донесла номинација за „Оскар“ за оваа улога и го карактеризирала глумечкиот стил на младиот Пачино, опишан во Филмскиот водич на Халивел како исклучително „интензивен“.
Во 1973 година, Пачино настапил во познатиот филм „Серпико“, заснован на вистинската приказна за полицаецот од Њујорк, Френк Серпико, кој работел „undercover“ за да ги разоткрие корумпираните соработници во полицијата. Истата година, тој играл во „Страшило“, заедно со Џин Хекман, улога за која освоил награда на Канскиот фестивал. Во 1974 година ја репризирал улогата на Мајкл Корлеоне во „Кум II“. Во 1975 година глумел во филмот „Кучешко попладне“, заснован на вистинската приказна за ограбувачот на банки, Џон Војтовиц. Режисер на филмот е Сидни Лумет, авторот на „Серпико“, два филма кои на Пачино му донесле номинација за најдобар глумец.
Во 1977 година, Пачино глумел тркач во филмот „Боби Дирфилд“ на Сидни Полак, и добил номинација за „Златен глобус“ за најдобар глумец.
Во 1970-те, Пачино имал четири номинации за „Оскар“ за најдобар глумец, за неговиот настап во „Серпико“, во „Кум 2“, во „Кучешко попладне“ и во „... И правда за сите“. Исто така, тој ги продолжил настапите во театарот, освојувајчи ја втората награда „Тони“.
1980-ти
Кариерата на Пачино стагнираше на почетокот на 1980-те, со неговите појавувања во контроверзниот „Крстарење“ и во „Автор! Автор!“, од кои критичарите не беа посебно воодушевени. Но тоа сè ќе се смени, со неговото појавување во „Лице со лузна“ од 1983-та режиран од Брајан де Палма. Тоа е улогата која ќе му биде една од најсветлите точки во кариерата и дефинирачка улога. Непосредно по излегувањето филмот не бил многу критички пофален, но заработил добро на бокс-офисот, поточно околу 45 милиони долари само во Америка.[6] Пачино заработил и номинација за Златен глобус за неговата интерпретација на Тони Монтана.
Во 1985 година тој работи на неговиот најличен проект, насловен „Логичка стигматика“ филм инспириран од Бродвејска претстава од 1969. Пачино ја толкува главната улога. Филмот ќе биде издаден како дел од сетот "Пачино: визијата на глумецот" во 2007 година.
Неговиот филм од 1985-та насловен „Револуција“ ќе биде голем комерцијален и критички неуспех. Тоа ќе резултира во четири годишно повлекување на Пачино од филмовите, време кое тој ќе го посвети на театарот. Се враќа на филмот во 1989-та со „Море од љубов“.
1990-ти
Пачино ќе заработи номинација за наградата „Оскар“ за улогата на Биг Бој Каприш во хитот „Дик Трејси“ од 1990 година, по што ќе следи уште една реприза на Мајкл Корлеоне во „Кум 3“.Во 1991-ва, тој ќе настапи во „Френки и Џони“ заедно со Мишел Фајфер, неговата колешка од „Лице со лузна“. Конечно освојува Оскар за Најдобар глумец за улогата на Френк Слејд во „Мирисот на жена“ од 1990-та.[7] Истата година, тој е номиниран и за Оскар за Најдобра споредна улога, правејќи го првиот глумец да добие две номинации за два различни филма во иста година, и да ја освои наградата за најдобар глумец (како Џејми Фокс во 2004).
Во 1990-те Пачино имал повеќе успешни улоги во крими-драми, меѓу кои во „Начинот на Карлито“, „Дони Браско“ и номинираниот за Оскар „Инсајдер“. Во 1995-та, глумел во „Жештина“, заедно со Роберт де Ниро, филм во кој овие двајца глумци првпат се појавуваат заедно на екранот (иако двајцата глумеа во „Кум 2“, тие не делат ниедна сцена).Во 1997 настапува во „Адвокат на Ѓаволот“, а во 1999 во филмот на Оливер Стоун, „Било Која Дадена Недела“.
Пачино немал номинација за Оскар од „Мирисот на Жена", но освоил две награди „Златен глобус“.
2000-ти
Пачино одбива да го позајми гласот на Мајкл Корлеоне за играта направена по филмот „Кум“. Како причина ја наведува драматичната промена што му се има случено на гласот од времето на првите два филма. Како резултат на сево ова, на „Electronic Arts“ не им беше дозволено да го користат гласот и изгледот на Ал, и покрај тоа што неговиот лик се појавува во играта. Тој сепак дозволи неговиот изглед да биде искористен во играта инспирирана од „Лице со лузна“, со наслов „Лице во лузна: Светот е Твој“.[8]
Режисерот во подем во тоа време, Кристофер Нолан, ќе работи со Пачино на „Несоница“, римејк на истоимениот норвешки филм. Филмот помина просечно кај критичарите и кај публиката. Следно од Пачино е неговата улога на адвокат во мини серијалот на ХБО насловен „Ангели во Америка“. Во ова време тој сѐ уште работи на претстави и дебитира како режисер. Исто така на листата АФИ „100 Херои & Негативци“ тој е еден од двајцата глумци што ги има на двете листи: на позитивната листа како Френк Серпико, а на негативната како Мајкл Корлеоне (другиот глумец е Арнолд Шварценегер за неговите улоги во Терминатор). Пачино исто така го глумеше Шајлок, во адаптацијата на „Венецијанскиот трговец“ од 2004.
На 20 октомври 2006,Ал Пачино ја доби престижната Награда за Животно Достигнување.[9]
Настапуваше во „Тринаесетмината на Океан“, филм на Стивен Содерберг, заедно со Џорџ Клуни, Мет Дејмон, Бред Пит и Енди Гарсија, како негативецот Вили Бенк, казино тајкун. Филмот доби претежно позитивни критики.
„88 минути“ беше промовиран на 18 април 2008, и критичарите најдоа проблем во самата содржина на филмот, наместо во глумата на Пачино.[10] Во „Праведно Убиство“ следниот филм на двоецот Пачино-Де Ниро, двајцата глумат њујоршки полицајци.
2010-ти
Ал го игра докторот Џек Кеворкиан во мини серијата на ХБО „Вие не го знаете Џек“ чија премиера беше во април 2010 година.
Приватен живот
Иако никогаш не бил оженет, Пачино има три деца: од врската со тренерката по глума Џен Тарант ја добил ќерката Џули Мари (р. 1989 година); и близнаците Антон Џејмс и Оливиа Роуз (р. 25 јануари 2001 година), родени од врската со поранешната девојка - глумицата Беверли Д'Анџело, со која бил заедно од 1996 до 2003 година. Исто така, Пачино бил во врска и со Дајан Китон, колешката од трилогијата „Кум“, како и со аргентинската глумица Лусила Сола.[7]
Ал Пачино како мотив во уметноста и во популарната култура
- „Al Pacino before and after the john“ — краток расказ на македонскиот писател Бранислав Николов.[11]
Наводи
- ↑ „Al Pacino Biography (1940–)“. filmreference.com. Посетено на 2007-12-25.
- ↑ „Al Pacino Biography“. salpacino.com. Архивирано од изворникот на 2009-03-07. Посетено на 2010-05-02.
- ↑ „Al Pacino Biography“. Yahoo! Movies. Посетено на 2007-12-25.
- ↑ 4,0 4,1 „(UK): "Al Pacino"“. The Biography Channel. Архивирано од изворникот на 2009-07-15. Посетено на 2010-03-10.
- ↑ Yule, A. Al Pacino: Life on the Wire, Time Warner Paperbacks (1992)
- ↑ „Scarface (1983) Box Office“. boxofficemojo.com. Посетено на 2007-12-25.
- ↑ 7,0 7,1 Наташа Спирова-Серафимова, „Пачино Ужива со 40 години помлада девојка, Бриџис му се посвети на будизмот“, Антена, број 887, 26.6.2015, стр. 10-11.
- ↑ Robert Howarth (21 април 2005). „Pacino Lends Likeness, Not Voice, To Scarface Game“. Архивирано од изворникот на 2007-08-15. Посетено на 2010-05-02.
- ↑ „AFI Lifetime Achievement Award: Al Pacino“. Архивирано од изворникот на 2009-08-31. Посетено на 2010-05-02.
Al Pacino is an icon of American film. He has created some of the great characters in the movies – from Michael Corleone to Tony Montana to Roy Cohn. His career inspires audiences and artists alike, with each new performance a master class for a generation of actors to follow. AFI is proud to present him with its 35th Life Achievement Award.
- ↑ „88 Minutes“. Архивирано од изворникот на 2009-07-14. Посетено на 2007-07-19.
- ↑ Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: Антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 204.
Надворешни врски
- Ал Пачино на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Al Pacino Photo Essay at AMCtv.com Архивирано на 2 август 2009 г.
|