FAIR and interactive data graphics from a scientific knowledge graph
Содржина
Земјина кора — надворешниот слој на Земјата кој се наоѓа над Мохоровичиќиевиот дисконтинуитет. Постојат два главни типови на Земјина кора, во зависност од минералниот и хемискиот состав и од начинот на создавање (односно појавување): континентална, дебела до 80 км и океанска кора, со дебелина од 2 до 12 км.
Кората претставува единствена одлика на Земјата. Ниедна друга планета од Сончевиот Систем нема идентична или слична кора со Земјината. Најстари, а воедно и зачувани фрагменти на континенталната кора (главно изградени од гнајсеви), имаат старост од околу 3,8 до 3,9 милијарди години.
Океанска кора
Океанската кора е со воедначен состав. Геофизичките, петролошките и геохемиските проучувања покажуваат дека таа има слоевита градба. Под океанската кора се наоѓаат тектонски перидотити, односно највисоките делови од обвивката.
Податоците добиени од дупнатината во источниот дел на Тихиот Океан, длабока 1350 м, укажуваат на слоевитоста на океанската кора. Оваа дупнатина започнува со наноси дебели 300 м, а потоа, со дебелина од 800 м продолжува со бречирана пилоу лава. Дупнатината завршува со пакет на дијабазни дајкови со дебелина од 300 м.
Главни фактори што ја регулираат дебелината на океанската кора се температурата на горната обвивка под океанските гребени и брзината на раздвојувањето. Поголемата температура дава поголем степен на делумно топење и распространување на стопената магма, со што кората станува подебела.
Континентална кора
Земјата е единствената планета од Сончевиот Систем со континентална кора. Примарни фактори за создавање на континенталната кора се значителните количества на вода на Земјата, како и тектониката на плочите. Со механизмот на растење на континентите се објаснува поголемата дебелина на континенталната кора од онаа на океанската. И тука причинители на растењето на континентите се новите количества растопена магма.
Континенталната кора е составена од два слоја, со различна густина и состав. Горниот слој е со помала густина и го градат околу 90% магматски (кисели) и метаморфни (гнајсеви) и околу 10% седиментни карпи (главно песочници и варовници). Долниот слој е со поголема густина, изграден од високо метаморфозирани и дехидратизирани карпи со кисел и базен состав. Границата помеѓу овие два слоја се нарекува Конрадов прекин.
Според геолошките и геофизичките одлики, континенталната кора може да се подели на континентални прекамбриски штитови и континентални платформи, заедно наречени кратони.
Поврзано
|